Службеници од Австралиската национална библиотека пронашле, можеби, една од најстарите кутии со чоколадни плочки, и тоа на имотот на австралискиот поет и писател Ендрју Бартон Патерсон.
Чоколадната кутија стара 120 години била порачана од британската кралица Викторија. Таа е најдена под кутија со лични документи – исечоци од весници, дневници и песни. „Јужна Африка, 1900 година“ и „Ви посакувам среќна Нова година, Викторија“, пишува на капакот од кутијата до сликата на кралицата, украсен со кралски симболи на Британската Империја.
Официјални лица изјавија дека чоколадите сѐ уште се во добра состојба, иако биле во лимената кутија повеќе од еден век.
Патерсон отпатувал во Јужна Африка во 1899 година, како воен дописник на „Сиднеј морнинг хералд“ заради известување за војната меѓу Велика Британија и Трансвалската Република. Се вратил во Австралија една година подоцна.