И покрај значајните ограничувања, извозниците имаат потенцијал да бидат двигател на растот. Воведувањето и експанзијата на долгорочни кредити по поволни услови, вклучувајќи и грантови, треба да ги релаксираат ограничувањата во ликвидноста и да стимулираат автоматизација во пост-КОВИД-19 периодот.
Тоа е наведено во истражувањето „Потенцијалот на извозно-ориентираните компании да придонесат за економско закрепнување по КОВИД-19 во Македонија“, што го презентираше денеска Институтот за економско истражување и политики-Скопје – Фајнанс тинк.
Пандемијата, се укажува во истражувањето, го наруши континуираниот раст на извозот во државава создавајќи големи предизвици за извозниците и креаторите на политиките да ја ревитализираат економијата во наредниот период. Извозниците имаат значајно успорување во нивниот раст на приходите, профитите, инвестициите, капиталот, вработеноста и платите. Секторската анализа покажува дека производителите на автомобилски делови, компјутерска и електронска опрема страдаа повеќе во споредба со останатите сектори. Извозниците со ограничен пристап до финансии, увозна изложеност кон ЕУ, висока трудо-интензивност, извозна изложеност надвор од ЕУ и пониска конкурентност беа поранливи на пандемиските шокови, преставувајќи ги главните ограничувања со кои се соочуваат во фазата на закрепнување, се оценува во истражувањето.
Тоа покажало дека извозниците имаат потенцијал за инвестиции во технологија, пораст на производство, реадаптација и поддршка на дуалниот процес на образование. Конкретно, 46,4 проценти од извозниците имаат капацитет и можност да се радаптираат, додека дополнителни 19,7 проценти имаат можност, но се соочуваат со ограничувања кај кои доминираат ограничените човечки ресурси. Над 65 проценти планираат да го унапредат технолошкото ниво. Доминантен дел од извозниците (46 проценти) имаат капацитет да учествуваат во процесот на дуално образование, додека дополнителни 14,5 проценти би учествувале доколку имаат соодветно стручно училиште. Со стимулативни мерки имаат потенцијал значајно да го интензивираат: производството, инвестициите, конкурентноста. Ограничен им е потенцијалот за воведување (нови) производни линии во земјава, но, како што се посочува, со воведување мерки, може да се зголеми атрактивноста на земјата за привлекување странски директни инвестиции, покажува анализата на Фајнанс тинк.
Врз база на идентификуваните ограничувања и потенцијали, дефинираат потенцијални интервенции во пет полиња. Прво, нарушувањата во синџирот на набавки кои ја загрозуваат конкурентноста на извозниците преку зголемување на производните трошоци. Намалувањето/ослободувањето од увозни давачки за активности поврзани со набавки на машини и опрема и изградба на нови капацитети, и усогласувањето на увозните тарифи на клучните компоненти според ЕУ носи значајни бенефити во поглед на зголемување на нивните инвестиции, производство и конкурентност и ја зголемува атрактивноста на земјата за привлекување странски инвестиции.
Како втора можност за интервенција е наведено дека извозниците имаат потенцијал да ги амортизираат шоковите на побарувачката преку реадаптација на нивните процеси и експанзија на нови пазари. Сувенционирањето на експанзијата на нови пазари и употребата на економска дипломатија би го зголемило искористувањето на тие потенцијали. И недостатокот на квалификувана работна сила, укажуават од Фајнанс тинк, е важна пречка во периодот на економско закрепнување. Краткорочно решение би било субвенционирање на тренинг и едукација на вработените, додека на долг рок, развојот на соодветен модел на дуално образование би обезбедило одржливо креирање на човечки капитал.
КОВИД-19 кризата, покажува истражување, ја истакна и важноста на подготвеноста на домашните производители да го заменат нарушениот увоз на извозниците. Додека потенцијалот е ограничен, стимулациски пакет фокусиран кон добавувачите вклучувајќи комбинација на финансиски стимул и програма за менторство за подигнување на технолошкото ниво, според Фајнанс тинк треба да обезбеди мотив кај домашните добавувачи да се приклучат во синџирот на набавки на извозниците.
– Ограничениот пристап до финансии и ниското ниво на технолошки развој ги зголемуваат негативните шокови на КОВИД-19 и го успоруваат економското закрепнување. Воведувањето и екпанзијата на долгорочни кредити по поволни услови (вклучувајќи и грантови) треба да ги релаксираат ограничувањата во ликвидноста и да стимулираат автоматизација во пост-КОВИД-19 периодот, се укажува во истражувањето.
Студијата е подготвена во рамки на проектот „Оценка на потенцијалот на извозно-ориентираните компании да придонесат кон заздравување на економијата по КОВИД-19 кризата”, во соработка со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, а поддржан од страна на Амбасадата на Обединетото Кралство.