Финансиската состојба во државата е стабилна. Државата е солвентна и финансиска ликвидна и е подготвена и понатаму да развива мерки за граѓаните, порача денеска премиерот Зоран Заев од собраниската седница на која одговара на пратенички прашања.

Во одговорот на пратеничко прашање од опозицијата дека има дупка во буџетот од околу една милијарда и 600 милиони евра, Заев истакна дека наплатата на трите основни даноци е поголема и оти редовно се сервисираат сите обврски од Буџетот, кој е во добра кондиција.

Презентирајќи ги податоците од Управата за јавни приходи заклучно со 29 декември, премиерот информира дека наплатата на ДДВ изнесува 6 милијарди 489 милиони денари за разлика од лани кога во декември наплатата била 6 милијарди 120 милиони. Во ноември наплатата на ДДВ била за 2,5 проценти помала од истиот период 2019 година, а во октомври за 2,5 отсто поголема од однос на октомври 2019 година.

Наплатата на персоналниот данок на доход во декември е 2 милијади 269 милиони 540 илјади денари, а лани во истиот период била 1 милијарда 923 милиони или има за 18 проценти поголема наплата сега. Наплатата кај данокот на добивка во декември е 852 милиона 777 илјади денари, а во истиот месец 2019 година била 785 милиона 845 или 8,52 проценти повеќе во споредба со 2019 година.

– Тоа покажува сериозно заживување на економијата, иако се случува вториот најголем пик на инфекцијата со корона вирусот, рече Заев.

Посочи дека годинава навреме се вратени доспеаните долгови кон кредиторите во висина од една милијарда и 140 милиони евра што, според него, е показател за стабилната финансиска состојба на државата.

Очекувањата се дека ќе има и над 96 проценти реалзиација на Буџетот, а капиталните инвестиции ќе бидат со реализација од над 80 проценти.

– Колку и да е тешка ковид година, може да кажеме дека сме задоволни од реализацијата затоа што одреден дел на дејности кои се поврзани со капиталните инвестиции за време на корона кризата се со забавени перформанси, рече Заев.

За зголемениот буџетски дефицит, рече дека државата се откажала од непродуктивните трошоци и парите се насочени кон граѓаните и кон стопанството. Помогнати се повеќе од 400 илјади граѓани и повеќе од 100 илјади работни места.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2020 15:12