Од вкупниот број активни претпријатија од нефинансискиот сектор во земјава, 3,1 процент или 1.793 биле странски филијали, односно домашни компании контролирани од странство.
Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика за 2018 година, во овие филијали биле вработени 18,9 проценти од вкупниот број на вработени. Овие фирми реализирале 38,6 проценти од вкупниот промет што укажува на нивното значително вијание врз домашната економија.
Најбројни се оние од трговијата на големо и мало и поправка на моторни возила, а најголем дел од вработените, над 80 проценти, биле ангажирани во преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало и во секторот информации и комуникации.
Најголем удел во вкупниот промет имале компаниите од секторот индустрија, информации и комуникациии и трговијата на големо и мало и поправка на возила.
Земјите – членки на ЕУ контролирале 59,2 проценти од странските филијали во кои биле ангажирани 71, 2 проценти од вработените. Овие компании учествувале со 72,3 проценти од додадената вредност.
Економски најважните странски филијали се од Австрија (14.9 %), Холандија (12.0 %), Обединетото Кралство (11.8 %), Германија (8.3 %) и Унгарија (6.3 %).