Загуби од 22 до 40 проценти во првиот квартал и пад на профитот за 40 до 60 отсто, забавени производни активности поради ограниченото работно време и движење, затворање на вообичаените канали за продажба, несигурен пласман и проблеми со откупот, се само дел последиците што ги предизвика КОВИД-пандемијата во македонското земјоделство.
Теренските анализи покажуваат драстичен пад на цените на одделни производи како јагнето, зелката, грозјето, тутунот, што дополнително ја влушува економската состојба на малите земјоделци. Високи 50,98 отсто од претпријатијата, пак, во агро секторот се сочуваат со откажување или одложување на склучените нарачки.
Според земјоделците и науката, корона кризата ги извади на површина слабостите и ги продлабочи децениските проблеми. Го отвори и прашањето дали како земја зависна од увоз, ќе имаме доволно храна.
Владата смирува. Вели дека ситуацијата континуирано се следи, дека се разгледуваат сите механизми за поддршка во консултација со производителите и преработувачите, како и дека се интервенира соодветно, зависно од проценката. Приоритет е обезбедувањето сигурен пласман и отворање нови пазари.
Бизнис заедницата го гледа извозниот потенцијал во млечната, винската, месната и мелничката индустрија. Смета дека приоритети во земјоделството треба да бидат: окрупнување на земјиштето, промена на методологијата на субвенционирање и унапредување на органското производство и на руралниот развој.
– Глобалната криза всушност ги продлабочи проблемите со кои и онака се соочуваат земјоделците, посебно тие што се на работ на одржливост. Уште еднаш покажа дека малите производители се најранливата категорија, бидејќи истовремено мора да се справат со шокот предизвикан од пандемијата, како од здравствен, така и од економски аспект. На самиот почеток се создадоа проблеми во дистрибутивните канали, се зголеми невработеноста во руралните средини поради стравот на населението како ќе се справи ако евентуално заболи од КОВИД зашто инфраструктурата е лоша, нема болници и амбуланти во селата. Ние ги детектиравме овие слабости преку теренски анализи и укажавме дека пандемијата направи дрстичен пад на цените на одделни производи како што се јагнето, зелката, па потоа грозјето, а сега и тутунот. Побаравме од државата да се воведат ваучери за земјоделците кои не беа опфатени во владиниот антикризен пакет, а земјоделците регистрирани согласно Законот за пензиско и инвалиско осигурување да бидат вклучени во мерките за плата и поволните кредити преку Македонска банка за поддршка на развојот, вели за МИА претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.
Според Мојсовска, потребно е да се работи на развивање на пазарот на кредити, како и на факторинг и лизинг услугите во земјоделството. Особено е изразена потребата од воспоставување државен гарантен фонд и кредити димензионирани за малите фармери, а треба да се размислува и за поддршка на воспоставување земјоделски кредитни унии (задруги), кои ќе овозможуваат капитал за своите членови.
– КОВИД предизвика затворање на вообичаените канали за продажба поради што некои земјоделци ги продадоа производите директно на трговци по пониски цени, дел од вишоците се фрлени, а дел се оставени на нива. Во сточарството, грлата наменети за продажба се задржани за приплод или за продолжено гоење. Ваквата ситуација ги поттикна земјоделците да размислуваат за нови стратегии, канали и инвестиции кои ќе им овозможат продажба, додава Мојсовска.
Корона кризата ја потенцира и потребата од стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување по достапни цени.
-Нашата анализа потврди дека македонските земјоделски стопанства треба да бидат прилагодливи и издржливи. Дополнително, укажа на предизвиците: неорганизиран откуп, недостаток на работна сила и дискриминација на маргинализираните групи во руралните средини – младите, жените, луѓето кои живеат на прагот на сиромаштијата и лицата со попречености, истакнува претседателката на НФФ.
Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија за МИА вели дека изминативе месеци, за време на пандемијата, работата на земјоделско-прехранбениот сектор беше забавена поради новите правила за ограничување на движењето.
-Најголемите предизвици со кој се соочуваше земјоделско-прехранбениот сектор се однесуваа на организација и логистика на увозот и извозот на своите производи, како и организација на тековните земјоделски и производствени процеси кај претпријатијата поради ограниченото работно време и движење. Високи 50,98 оттсо од претпријатијата се сочуваат со откажување или одложување на склучени нарачки, што покажува дека КОВИД има големо влијание врз фирмите. Загубите на земјоделско-прехранбениот сектор во првиот квартал од 2020 година во споредба со првиот квартал од 2019 се проценети на околу 22 – 40 отсто и за таа сметка секторот во 2020 година очекува намалена профитабилност за 41 – 60 проценти, напоменува Ристовски.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, иако корона кризата не го поштеди ниту земјоделството и доведе до многу нарушувања, посебно на пазарот, проиозводството не смее да запре. Тој најави 150 милиони евра субвенции, но и интервентни мерки онаму каде што ќе се оцени дека има потреба.
-Не чека многу работа, а си поставивме и амбициозна агенда. За да ја реализираме, заедно со земјоделците ќе мора да ги следиме европските стандарди, да ги применуваме најновите научни достигнувања и технологии и да применуваме модерна механизација, вели Хоџа и додава дека меѓу приоритетите ќе биде зголемувањето на трговијата со земјоделски производи, особено извозот, окрупнување на земјиштето и подобрување на условите за живот на руралното население преку полесен пристап до земјиште и кредити.
Во фокус ќе бидат и намалувањето на руралната сиромаштија, како и малите фарми кои се многу важен дел од синџирот за сигурно обезбедување храна.
Ќе продолжат, најави Хоџа, и капиталните инвестиции, како и неселктивното исплаќање на субвенциите. Тој потсети дека Владата интервенираше и успеа да ја ублажи состојбата во лозарството и винарството кои први го почувствува ударот од КОВИД-пандемијата.
Премиерот Зоран Заев е дециден дека владините политики се флексибилни, а државата е секогаш тука да помогне за надминување и решавање на проблемите.
– Тука сме да помогнеме. Секогаш ќе помагаме. Она што мора да го сработиме заедно е да ја зголемиме конкурентноста на пазарите. Државата ќе помага, но секако тоа никогаш не треба да биде доволно зашто помагањето треба да има конечна цел, а тоа е зголемување на квалитетот на тоа што го произведуваме и подобри цени, истакна Заев на 24 декември 2020 година, кога седна на маса со тутунарите за проблемите со откупот.
Премиерот смета дека за земјоделството е многу важно отворањето нови пазари.
– Се бориме на дополнителни европски пазари, се бориме исто така и на рускиот пазар за да создадеме конкуренција за тоа кој ќе го купи земјоделското производство, а тоа само по себе ќе си донесе подобро платен производ, рече Заев.
Земјоделството учествува со 10 – 12 отсто во домашниот БДП, но има огромен потенцијал за раст и можност за голема додадена вредност. Извозот на прехранбени производи во првиот квартал од 2020 година изнесувал 135,3 милиони евра што е 10 отсто помалку од истиот период во 2019-та кога бил 148 милиони евра. Увозот бележи благо зголемување од 4,4 проценти или 282,9 милиони евра, а за истиот период во 2019 година достигнал 271,1 милион евра.
Според Државниот завод за статистика, во 2019 година е остварен највисок извоз на храна во изминатите 10 години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехранбени производи. Овие факти загрижуваат ако се земе предвид новонастанатата здравствена и економска криза предизвикана од КОВИД годинава, како и тоа дека сме увозно зависна земја.