Окупот на тутунот продолжува, отворени сите пунктови и има интерес за носење на родот, велат од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Ова го потврдува и Државниот инспекторат за земјоделство.

-Тутунот се откупува на сите откупни пунктови. Тутунарите сакаат да го предадат родот, зашто времето им истекува. Ги повикуваме фирмите да ја зголемат динамиката на откуп, за луѓето да може да го предадат и оној вишок тутун што го имаат и да биде преземен во законскиот рок. На некои пунктови во одредени општини има јавување за запирање за второстепена комисија. Тоа и го бараме како Сојуз – секаде каде има нереална процена, да се запира за второстепена комисија, изјави претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Менде Стомнароски.

Сојузот не е против тутунарите да протестираат.

-Ние не сме против тутунарите кои протестираат, така процениле од Иницијативниот одбор, но наше мислење е дека со зголемена динамика ќе се подобри просекот на откуп и навреме да се преземе родот, рече Стомнароски.

Марјан Пуцакоски, тутунопроизводител од Големо Коњари, вели дека е задоволен од цената на откупениот тутун.

-На 29 декември предадов 14115 килограми, од кои втора класа 1292, имам и трета и четврта. Просечната цена е 195 денари и сум задоволен. Работам тутун колку што може да го изработам квалитетно. Имам 10 декари, истакнува Пуцакоски.

Претседателот на тутунското здружение „Златен лист“, Муса Ибраимоски, од Долнени бара зголемена динамика на откупот и реална процена. Од околу 8.000 тони во Долненско, досега се купени само 500 тони тутун.

-Цената кај некои откупувачи е реална, други пак сакаат да не потценат и нереално откупувата. Бараме откупот секаде да е ист, и во прилеп, и во Струмица, и во Долнени. Ги повикувам откупувачите заедно со нас на теренот реално да проценуваат, вели Ибраимоски.

Директорот на Инспекторатот, Зоран Шапуриќ потврдува дека има интерес кај тутунарите за предавање на тутунот. Сите пунктови се отворени, дождот малку ја забави динамиката, но се очекува денеска да бидат купени околу 500 тони. Има и пријави за нереална проценка, годинава најмногу.

– Откупот продолжува, пунктовите се отворени, динамиката ја забави дождот, но се очекува денеска да се преземат околу 500 тони. Годинава има пркеу 100 приговори, половината се позитивно решени и ова се најголем број приговори досега. До 30 декември се откупени 6 250 тони, а просечната цена е 166,8 денари, изјави Шапуриќ.

Во меѓувреме, во Скопје, членови на Иницијативниот одбор протестираа пред Владата. Бараат линеарно зголемување на субвенциите до 100 денари и реална проценка. Револтирани, симболично запалија одредебна количина тутун. Во моментов дел од нив се на средба со надлежните. На протестот им се придружија и лозари од тиквешкиот регион.

Годинава се договорени околу 23 000 тони тутун. Според Сојузот на земјоделските здруженија има вишок од 2.500 тони кои, според договорот, треба да се преземат во законскиот рок на откупната кампања.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2021 16:41