Германската осигурителна компанија „Мјуних Ре“ (Munich Re) соопшти дека природните катастрофи мината година предизвикале штета од 210 милијарди американски долари ширум светот.
Најголема штета од природните непогоди е предизвикана во САД.
Сумата е поголема за 25 проценти во споредба со 2019 година. Осигурителните загуби бележат раст од 44 отсто односно 82 милијарди долари.
Сезоната на урагани во 2020 година беше „хиперактивна“ со рекордни 30 бури. Досега рекордна година беше 2005, кога имаше 28 урагани.
Топлотните бранови и сушата, што предизвикуваат шумски пожари минатата година во западниот дел на САД предизвикаа штета од 16 милијарди долари.
Поединечни настани што предизвикаа најголема штета од 17 милијарди долари, беа поплавите во Кина, но осигурани биле само два отсто од тој износ, се наведува во соопштението на „Мјуних Ре“.
Претставникот на германската осигурителна компанија Торстен Јеворек истакна дека „климатските промени имаат се поважна улога во сите тие ризици“, укажувајќи на ураганите, шумските пожари и другите временски непогоди.
– Време е нешто да преземеме, посочи Јеворек.