Норвешкиот пратеник Кристијан Тибринг-Гједе, кој изминатата есен го предложи американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, сега, по упадот на неговите приврзаници во Конгресот на САД, смета дека тој не треба да остане во Белата куќа до крајот на мандатот.

Тибринг-Гједе, пратеник од редовите на десничарското крило на популистичката Народна партија, истакна вчера дека не е сигурен оти Трамп е способен да ги помине последните 13 дена во Белата куќа.

– Состојбата на Трамп е се полоша и полоша откако изгуби на изборите во ноември, додаде норвешкиот пратеник.

Според него, поединците одговорни за насилството и вандализмот мораат да се соочат со последиците од своите акции.

Во септември 2020 година, Тибринг-Гједе го предложи Трамп за Нобелова награда за мир поради неговата улога во постигнувањето историски договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати. Тој веќе го номинираше Трамп за оваа награда и во 2018 година.

Сега, сепак, тој вели дека е „преплашен“ од тоа како Трамп ги охрабрува своите приврзаници.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2021 11:04