Анализата на сообраќајните прекршоци што во декември 2020 година ги направиле жителите на Тетовско и за кои СВР Тетово има изречено казни покажува дека барем еднаш дневно се одземени на одреден временски период возачки и сообраќајни дозволи.

Возачки дозволи се одземаат за управување под дејство на алкохол, како и на возач-почетник кој не се придржувач до законски ограничувања. Сообраќајните дозволи се одземаат за технички неисправно возило, нетестирани или неправилно поставени фолии на стаклата од возилото и за истечена регистрација до и над 30 дена.

– Во овој период времено биле одземени 30 возачки и 34 сообраќајни дозволи поради повеќе сообраќајни прекршоци, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Инаку, во декември минатата година, полицајците од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај вкупно откриле и законски санкционирале 1205 различни видови сообраќајни прекршоци.

– Во редовни и акциски контролните активности, поради констатирани прекршоци, биле исклучени 69 возила. Најмногу од исклучените возила, 57 имале истечена регистрација до и над 30 дена, додека кај 11 била утврдена техничка неисправност и кај еден претовар. Минатиот месец, исто така, од сообраќај биле исклучени и 164 возачи, кои управувале без возачка дозвола, под дејство на алкохол, возачи-почетници, со несоодветна категорија и со важечка забрана за управување, потенцира Јосифоски.

Пајак-службата вкупно подигнала 174 непрописно и погрешно паркирани возила.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2021 15:21