Рекорден број мали претпријатија во Велика Британија би можеле во следните 12 месеца да се затворат, предупреди британското Здружение на мали фирми (ФСБ).

Здружението проценува дека без натамошна владина помош за полесно отстранување на последиците од пандемијата на ковид-19, повеќе од четири милиони претпријатија би можеле да бидат затворени. Проценките се темелат врз истражување спроведено меѓу 1.400 мали претпријатија, од кои пет отсто одговориле дека очекуваат затворења оваа година. Кога бројките ќе се пресликаат на цела земја, околу 250.000 од 5,9 милиони мали претпријатија во велика Британија би можеле да исчезнат.

Претседателот на ФСБ, Мајк Чери изјави дека „развојот на мерките за поддршка на компаниите не е во чекор со интензивирањето на ограничувањата“ воведени за борбата против Ковид-19.

– Како резултат на тоа, ризикуваме да изгубиме стотици илјади многу добри, во крајна линија одржливи мали бизниси оваа година, на огромна штета на локалните заедници и животот на поединците, истакна Чери.

Здружението му предложи на Министерството за финансии воведување помош што треба да им помогне на многу самовработени работници и претприемачи, кои моментно се исклучени од помошта.

Доколку добие согласност од Владата, предложената програма за поддршка на ФСБ ќе овозможи исплата до 7.500 фунти неповратни средства за компензација на квартално изгубениот профит. Таа мерка ќе биде ограничена на оние кои заработуваат помалку од 50 000 фунти годишно.

Одлука на британското Министерство за финансии во врска со предлогот на ФСБ се очекува овој месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/01/2021 14:26