Повеќе од 3.000 Рохинџа муслимани останаа без засолништа откако избувна пожар во еден од бегалските кампови во јужен Бангладеш, изјави денеска официјален претставник, јави ДПА.

-Пожарот избувна утринава во кампот Нојапара Рохинџа во Теканаф, во областа Кокс Базар, уништувајќи повеќе од 500 импровизирани домови, изградени претежно од бамбуси и полиетиленски лимови, изјави претставникот на локалната влада Саифул Ислам.

Тој за ДПА додаде дека засега нема пријавени жртви во пожарот, што пожарникарите го гаснеа повеќе од еден час.

-Причината зад пожарот засега не може да се утврди, рече Ислам, додавајќи дека повеќе од 3.000 лица досега живееле во тие шатори.

Агенциите за помош, заедно со локалната власт, се во процес на дистрибуција на комплети за помош меѓу жртвите, додаде тој.

Бангладеш има примено повеќе од милион муслимани Рохинџа во преполните кампови во југоисточниот кварт Кокс Базар, откако тие побегнаа од прогонот во нивната матична земја, соседен Мјанмар.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2021 12:33