Предлог-измените на Законот за Развојната банка, со кои треба да се операционализира гарантниот фонд, денеска поминаа на собраниската Комисија за финансирање и буџет по што треба да се најдат на усвојување на пленарна седница.

Гарантниот фонд за кој се обезбедени средства во висина од 10 милиони евра ќе функционира во рамки на Развојната банка, а целта е да се олесни пристапот до финансиски средства за микро, малите и средните претпријатија во услови на отежнато работење и намалени приходи и ликвидност поради пандемијата на Ковид -19.

– Со предложеното законско решение се формира гарантен фонд кој преку издавање на гаранција за веќе одобрени кредити од банки и штедилници ќе им помогне на микро, малите и средните претпријатија за напречено фунацирање на тековните активности и потреба од обртен капитал како и на издржани бизнис проекти за купување на основни средства. Гарантиниот фонд ќе се организира во рамки на Развојната банка која има изградено инфраструктура и стручен кадар. Средствата за отпочнување на гарантниот фонд во висина од 10 милиони евра се веќе обезбедени во Буџетот што значи со минимални трошоци за институциоинализација на фондот, тој ќе стане оперативен веднаш по неговото усвојување, појасни заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет.

Предвидено е оваа гарантна шема да функционира на среден рок како постојан механизам за пристап до кредити за микро, малите и средните компании.

Со законското решение се овозможува Развојната банка по претходно добиено одобрение од Владата да формира фондови со средства за поддршка на развојот на македонското стопанство.

Во текот на амандманската расправа беа прифатени четири амандмани од технички карактер, а опозицијата предложи амандман со кој се бараше зголемување на средствата во гарантниот фонд од 10 на 43 милиони евра, но беше одбиен со образложение дека средства веќе се обезбедени во Буџетот.

Комисијата денеска ги прифати во прво читање и предлог-измените на Законот за даночна постапка, Законот за регистрирање на готовински плаќање, Законот за придонеси од задолжително социјално осигирување и Законот за игрите на среќа.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2021 15:15