Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и ENTERPRISE GREECE како грчка официјална агенција за инвестиции и трговија во Атина потпишаа Меморандум за разбирање во полето на инвестиции и надворешна трговија. Заради запазување на Ковид протоколите, меморандумот денеска го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Никос Дендиас, во рамките на посетата на шефот на дипломатијата на Грција.
Согласно меморандумот, кој ќе важи во наредните три години, соработка со грчката агенција за инвестиции и трговија ќе се остварува преку одржување чести и редовни контакти меѓу двете агенции за заедничка размена на економски и деловни информации која би се обезбедила и преку размената на деловни делегации, организирање на трговски мисии, семинари, саеми и бизнис форуми
Двете страни, информираат од Агенцијата за странски инвестиции, ќе разменуваат информации за трговски политики, правила, прописи, процедури, субвенции и ажурирања на статистички и деловни податоци на редовна основа што ќе се остварува преку размената на публикации, магазини и директориуми, како и преку заеднички истражувачки активности со цел олеснување на меѓусебната трговија и заедничките проекти.
-Соработката, како што се наведува во Меморандумот за разбирање на инвестициска и трговска соработка, ќе се остварува преку одржување чести и редовни контакти меѓу двете држави за заедничка размена на економски и деловни информации што не се од доверлив карактер истовремено поддржувајќи ја техничката експертиза, знаење и можности за обуки. Соработката би се остварила преку истражување на деловните можности во двете земји, организирање на взаемни посети за деловна соработка, конференции, тркалезни маси, деловни патувања за промовирање на можности за инвестирање и трговија во секоја земја како и други активности, соопшти Агенцијата за странски инвестиции.
Организирањето на активностите за трговска промоција, се додава во соопштението, би се обезбедила и преку размената на деловни делегации или трговски мисии, семинари, саеми и посети на експерти за идентификување на деловен потенцијал и деловни можности. Секоја страна ќе и помага на другата страна во организирањето на комбинирани настани поврзани со деловни активности, услуги за спојување и вмрежување во двете земји и во друга трета земја, за која заеднички ќе се договорат.