Заклучно со декември лани вкупниот извоз од технолошко-развојните зони изнесува околу 2,6 милјарди евра, а увозот 2,2 милјарди евра. Забележан е и раст на бројот на вработени во зоните така што според податоците што повеќе од 50 компании ги имаат доставено до Дирекцијата на технолошко-развојните зони, има раст од 0,6 проценти во однос на 2019 година.

Ова, според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски се позитивни сигнали, но тој најавува новини со цел да се поттикнат инвеститорите да ги исполнат своите планови, но и државата и единиците на локалната самоуправа да ги исполнат своите обврски.

Податоците со кои располага Дирекцијата на ТИРЗ покажуваат дека вкупниот број на работни места за кои постоечките инвеститори се обврзале дека ќе ги пополнат како минимална бројка е 21.370 работни места, а таа бројка е пополнета со 14.076, односно со 66 проценти.

– Дел од проектите се уште се во тек, а тоа значи дека обврските течат, меѓутоа наша обврска ќе биде доследно следење на преземените обврски од страна на инвеститорите кои се веќе во државата. Тоа значи дека внимателно ќе го следиме почитувањето на роковите во делот на реализацијата на планот на вработување. Тоа значи дека потенцијалот од дополнителни 7.300 работни места што ќе треба да се отворат во наредните неколку години за коишто веќе државата потпишала договори со постојните инвеститори, ќе го следиме внимателно и очекуваме тоа да се реализира, рече Деспотовски на прес-конференција во Владата.

Целта на Дирекцијата ќе биде да се поттикнат инвеститорите да ги креираат работните места побрзо од предвидената динамика во договорите, а тоа Деспотовски очекува да се постигне преку програмата за поттикнување вештини и продуктивност.

Ќе се работи и на тоа како повеќе да се поттикне реализацијата на преземената обврска на инвеститорите за минималната инвестиција бидејќи податоците покажуваат дека се потпишани договори за инвестиции во висина од 350 милиони евра, а досега се реализирани 305 милиони евра.

– Овие податоци се однесуваат на компаниите коишто оперираат во рамки на ТИРЗ-овите. Тоа значи дека имаме уште некои 50-ина милиони евра што остануваат да се реализираат како преземена обврска за минимална инвестиција на инвеститорите кои се веќе тука и моја обврска како директор и наша како институција и како Влада ќе биде да најдеме начин да ги поттикнеме инвеститорите овие 50 милиони евра да ги реализираат многу побрзо, рече Деспотовски.

Фокусот, како што рече, ќе биде да се привлечат нови инвеститори, но ќе се работи и со постојните со цел да се охрабрат не само да ги исполнат првичните планови презентирани во писмата за намери, туку да одат и над тоа.

Во делот на покриеноста на увозот и извозот, Деспотовски соопшти дека покриеноста е 117 проценти и дека за 17 проценти има повисок извоз отколку увоз во зоните.

– Споредено со целокупната економија каде покриеноста заклучно со ноември според базата на податоци на Државниот завод за статистика е околу 75 проценти, значи дека активноста во рамки на зоните е во полза на извозот, односно во полза на растот на БДП, рече Деспотовски.

Во работењето на Дирекцијата се воведуваат четири нови елементи. Меѓу нив се привлекување и реализација на инвестициите со повисока додадена вредност и новиот концепт на „aftеrcare“ кој подразбира единствена влезна точка во државата за сите инвеститори односно единствен сет на услуги што ќе ги понуди државата на инвеститорите. Изготвена е и инвестициска програма која е составен дел од Годишната програма за работа на Дирекцијата. Планирани се 15 милиони евра за инфраструктурата во зоните, а планот на Дирекцијата е да привлече и приватни финансиери кои ќе помогнат во инвестирањето во инфраструктурата во зоните.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2021 15:23