Министерството за економија и годинава ќе реализира неколку програми за поддршка на индустријата, иновативноста, занаетчиството, туризмот и домаќинствата, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, за Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво обезбедени се 68,8 милиони денари, а за Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата 52 милиони денари.

– Од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 50 милиони денари се за мерки за Поддршка на развојот на развој на микро, мали и средни претпријатија, 13 милиони за имплементација на мерки од Индустриската стратегија, 4,8 милиони за мерки за поддршка и развој на Кластерското здружување и еден милион за мерки за инвестиции и општествена одговорност, како и субвенции за приватни претпријатија. На јавните повици ќе бидат утврдени квотите за број на претпријатија кои ќе се субвенционираат по плански региони и тоа согласно принципот „прв дојден,прв услужен“, посочи Бектеши.

Годинава како што кажа, средствата од Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата првпат ќе се „исплаќаат по принципот прв дојден, прв услужен“ и додаде дека 21,8 милиони денари од оваа програма се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија,односно од фотонапонски централи.

-Минатата година како резултат на пандемијата не успеавме целосно да ја реализираме оваа програма и средствата за оваа намена беа пренаменети за поддршка на најпогодените. Но, оваа година продолжуваме со финансиската поддршка за граѓаните при што осум милиони денари се за надоместување на дел од трошоците за сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 отсто, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство, за лица со ниски примања, рече Бектеши.

За надоместување на дел од трошоците за вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата се предвидени 22 милиони денари со кои ќе се субвенционира до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за категоријата на лица со ниски примања.

За надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети во домаќинствата се предвидени 14 милиони денари со кои ќе се поддржат до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за лица со ниски примања. Осум милиони денари се предвидени за надоместување на дел од трошоците за фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство.

-Со Програмата за развој на туризмот во Македонија во 2021 година се предвидени 31 милион денари. Исто така вкупно осум милиони денари се предвидени во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, односно за поддршка на енергетска сиромаштија, рече Бектеши.

Годинава, потенцира, ќе се спроведува и за мерката за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ, метан и друг вид алтернативно гориви во возилата што првпат се реализираше во 2019 година, но минатата година поради пандемијата средствата за оваа мерка беа пренаменети за поддршка на најпогодените сектори.

-Оваа година повторно ќе биде објавен јавен повик за надоместување до 50 отсто од трошоците за вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, но не повеќе од 18.000 денари по возило, рече Бектеши.

Вкупно за оваа намена, додаде, се предвидени 11 милиони денари, а јавниот повик ќе биде објавен во третиот квартал годинава по принципот „прв дојден, прв услужен“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2021 13:41