На 15 јануари, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со италијанскиот амбасадор, Андреа Силвестри, кој минатиот ноември стапи на должност во нашата земја.

Неговата екселенција Силвестри истакна дека е многу важна улогата и независноста на централните банки, особено во вакви кризни времиња. Амбасадорот изрази задоволство од активностите и мерките коишто се преземени од страна на Народната банка во справувањето со економските последици од кризата и одржувањето на макроекономската стабилност. Исто така, амбасадорот Силвестри истакна дека ги цени напорите за одржување на прудентна монетарна и фискална политика заради состојбата на пандемија, а со цел да се обезбеди економска ревитализација во земјата во текот на 2021 година.

На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на мерките преземени за справување со предизвиците предизвикани од корона-кризата, како и макроекономските проекции на Народната банка според кои се предвидува економски раст од 3,9% и инфлација од околу 1,5% за 2021 година. Притоа, ја истакна важноста од соработката со меѓународните финансиски институции, како и со европските институции, за обезбедување соодветни извори на финансирање, структурни реформи коишто на среден рок ќе го зголемат потенцијалот на економијата, но и за натамошно градење на институционалните капацитети.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска и италијанскиот амбасадор Силвестри изразија цврсти заложби за продолжување и продлабочување на соработката во иднина. Средбата претставуваше можност и за потврдување на италијанската поддршка кон европската ориентација на земјата, којашто треба да се поттикнува и преку соработка на сите полиња.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2021 13:55