За нас е најважно сите засегнати страни да бидат вклучени во изработката на новиот Предлог-закон за минерални суровини зашто на таков начин мислам дека може да имаме подобар текст кој ќе биде применлив и воедно да ја заштитиме животната средина во нашата држава, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Имајќи во предвид дека во време на пандемија не можевме да одржуваме јавни расправи, одлучивме да го повлечеме претходно предложеното законско решение и уште еднаш да ги разгледаме сите измени кои се предвидени во Предлог-законот за минерални суровини. Во изработката на новиот предлог ќе биде вклучена Македонската асоцијација на рударство и невладините организации на полето на заштита на животната средина кои се заинтересирани да придонесат за подобар текст за законското решение. Откако ќе имаме усогласен текст, повторно ќе го усвоиме на седница на Влада и ќе го пратиме до Собранието, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Прашан зошто инспекторите на Министерството за економија не извршат увид во Средно Коњаре каде експлоатацијата на песок по течението на Пчиња предизвикува еколошка катастрофа, Бектеши рече дека точно во таа насока биле предложените измени на законот што се повлечени од собраниска процедура.
-Секторот за минерални суровини во склоп на Министерството за економија одржа неколку состаноци со луѓето кои ги претставуваат населените места каде се дадени концесиите за ископ на песок, но надлежните инспектори се вработени во Инспекторатот за техничка инспекција, а не во Министерството. Како Министерство во неколку наврати сме побарале да се направи дополнителен увид од страна на инспекторите и сме добиле мислење дека сите концесионери на тој локалитет работат согласно договорите кои ги склучиле пред неколку години, рече Бектеши и додаде дека Министерството за економија не дава концесии кои се во речните корита, туку АД за водостопанство.
Токму, потенцира, и измените на Законот за минерални суровини што беа предложени па повлечени од собраниска процедура беа во насока и Владата да презема соодветни мерки ако има детални аргументи од страна на населените места.
-Согласно постојното решение во Законот за минерални сировини и концесии, Министерството за економија и Владата мора да имаат извештај од страна на инспекциите за да може да одземаат концесии. Без да има таков извештај Владата нема законско право да одзема концесии, посочи Бектеши.