Германската компанија „Ипротекс“ ќе инвестира пет милиони евра во Технолошко-развојната зона Скопје од кои само 20 проценти се вложувања во градежниот објект, а останатите 80 проценти во нови технологии. Веќе се ангажирани 25 лица кои ќе примат просечна плата која е за 10 проценти повисока во однос на просечната плата исплатена во зоните.

Објектот ќе се протега на површина од 49 метри квадратни, а планирано е да започне со работа на крајот на јануари или почетокот на февруари.

Договорот за државна помош беше потпишан денеска во Владата од страна на директорот на Дирекцијата на Технолошко-развојните зони Јован Деспотовски и на управителот на „Ипротекс“, Блаже Левовски.

Согласно законската регулатива на компанијата и следат до 50 проценти поддршка во однос на реализацијата на инвестициските трошоци, а нема да користи државна помош за работните места.

– Договорот беше заклучен кон крајот на минатата година. Работиме на моделот малку да го рекструираме односно да имаме поголема фелскибилност, меѓутоа за овој договор имаме стандардна структура што предвидува 20 проценти од овие 50 проценти да бидат финансиски средства, но субвенции во вкупен износ не поголем од 800.000 евра, а останатите да бидат даночни и царински ослободувања што компанијата ќе може да ги користи, истакна Деспотовски.

Тој е задоволен што со оваа инвестиција вработените ќе добијат повисоки плати од просечните во зоните, иако вели целта е платите во зоните да растат и да го надминат просекот во државата.

– Не станува збор за рекордно големи бројки, меѓутоа е важен чекор напред кон реализација и наша поставена цел, а тоа е да креираме работни места, но добро платени работни места. Веќе во моментот имаме 25 лица кои се ангажирани, а компанијата има деловен план само во оваа фаза да достигне бројка до 30 наши сограѓани кои ќе го остваруваат своето право за пристојна заработувачка, истакна Деспотовски по потпишувањето на договорот.

Дел од деловните активности, компанијата ги сели во земјава. Не станува збор за елементи кои имаат пониска додадена вредност, туку цела производствена линија која ќе се реализира исклучиво во Северна Македонија. Планираните приходи се околу 800 илјади до 2023 година, а во период од 10 години компанијата планира раст на приходите од скоро шест пати.

Според вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ова е една позитивна искра и почеток на нов инвестициски бран во земјава.

Макроекономските показатели во последните два квартали, особено во четвртиот квартал од минатата година, како што посочи, покажуваат позитивни движења што е доволен сигнал дека економијата е раздвижена и постепено се зголемува економскиот раст.

Минатата година, според Битиќи, исплатена е рекордна директна помош за компаниите во износ од околу 63 милиони евра.

– Го спроведовме јавниот повик за зголемување на кнкуретноста на компаниите преку кој со над 17 милиони евра поддржавме 400 инвестициски проекти на компании кои вложиле во периодот на кризата. Воедно, преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, преку мерките од Пчланот за економски раст, со над 11,5 милиони евра поддржавме до 140 домашни компании кои инвестирале во 2019 година. За странските компании преку мерките за кои имааме склучено договори за 37 дкомпании имаме исплатено 25,6 милиони евра поддршка, истакна Битиќи.

Германската компанија е основана 1999 година и има шест фабрики на четири континети. Годишниот обврт е над 30 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2021 13:05