Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешен член на Управниот одбор на АД МЕПСО за несовесно работење во службата, бидејќи како одговорен проект менаџер лицето потпишало и потврдило прием и имплементација, а со тоа било овозможено плаќање на Бизнис информациски систем, набавен од Конзорциум Кинг ИЦТ ДООЕЛ Скопје и Кинг ИЦТ ДООЕЛ Загреб, иако испорачаниот систем не бил функционален и со тоа бил оштетен буџетот на АД МЕПСО за износ од 22.215.675 денари.

Кривичната пријава против лицето К. Г. – член на Управен одбор на АД МЕПСО во периодот од 24.06.2009 до 17.02.2016 година е поднесена до Основното јавно обвинителсво Скопје на ден 18.01.2021 година.

– Пријавеното лице К.Г., во својство на одговорен проект менаџер за Пакет 14 – Набавка и имплементација на компјутеризиран деловен информациски систем (БИС) финансиран од заемот на Светска банка – ECSSE APL – 3 Macedonian project, во 2016 година, несовесно постапило во вршење на своите овластувања и должности, на начин што потпишало и потврдило прием и имплементација и овозможило плаќање на Бизнис информациски систем, набавен од Конзорциум Кинг ИЦТ ДООЕЛ Скопје и Кинг ИЦТ ДООЕЛ Загреб, иако испорачаниот систем не бил функционален, односно не бил изработен согласно техничките спецификации, одделни модули давале погрешни податоци и извештаи, договорените и платени продукциски лиценци никогаш не биле инсталирани, ниту пак во гарантниот период презело соодветни мерки и дејствија со кои би се исправиле сите недостатоци и купениот софтвер би се интегрирал целосно согласно договорените спецификации и на тој начин бил оштетен буџетот на АД МЕПСО за износ од 22.215.675,00 денари, информираат од Управата за финансиска полиција.

Лицето К.Г. со сомничи за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ од член 353-в ст.3 од Кривичниот Законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2021 10:54