Депозитите во декември забележаа раст на месечно ниво од три проценти, додека кредитите 1,1 отсто. На годишна основа растот изнесува 5,9 отсто кај депозитите и 4,7 отсто кај кредитите, покажуваат последните податоци на Народната банка.
Растот на депозитите во декември, според податоците, е под влијание на растот и кај населението и кај претпријатијата, но со малку поголемо учество на корпоративниот сектор. На годишно ниво, пак, растот на депозитите е забележан кај двата сектора, но поизразен е кај домаќинствата.
Кај кредитите, податоците покажуваат дека растот на месечно ниво во декември се должи на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор, а на годишно ниво на растот поголем придонес имал секторот домаќинства.
Во декември, кај вкупните депозити на корпоративниот сектор е забележан раст на месечна основа од 5,8 отсто. Нагорната промена во најголем дел произлегува од зголемувањето на депозитните пари, при помал раст и кај краткорочните и долгорочните депозити во странска валута и остварен пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари. На годишно ниво, депозитите се повисоки за 10,1 отсто, како резултат на растот на депозитните пари и депозитите во странска валута (краткорочни и долгорочни), при забележан пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари.
Кредитите на корпоративниот сектор, во декември бележат месечен раст од 1,9 отсто, којшто при раст на кредитите во двете валути, во поголем дел се должи на зголемувањето на кредитите во денари. Анализирано на годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 1,1 отсто, целосно под влијание на растот на кредитите одобрени во странска валута, при забележан пад кај кредитите во денари.
Вкупните депозити на домаќинствата, во декември имаат раст за 2,3 отсто во споредба со претходниот месец. Зголемувањето главно се должи на растот на депозитните пари, при остварен помал раст и кај останатите компоненти, освен кај долгорочните депозити во денари коишто бележат пад. На годишна основа, депозитниот раст изнесува 4,6 отсто и целосно се должи на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, при забележан пад кај останатите компоненти.
Вкупните кредити на домаќинствата, во декември се повисоки за 0,4 отсто на месечно ниво, во целост заради растот на кредитирањето во странска валута. Гледано на годишно ниво, кредитирањето на домаќинствата бележи раст од 8 отсто, како резултат на зголемувањето на кредитите во двете валути, коешто е поизразено кај кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити, забележан е месечен раст од 0,5 отсто и 1,9 отсто, соодветно, како и годишен раст од 6,9отсто и 13,6 отсто, соодветно. Автомобилските кредити остварија месечен и годишен пад од 2,6 отсто и 10,9 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички се пониски за 1,6 отсто и 6,1 отсто, на месечно и годишно ниво, соодветно.
Во декември, негативните салда на тековните сметки бележат месечно и годишно намалување од 9,9 отсто и 5 отсто соодветно. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, се повисоки за 0,3 отсто во споредба со претходниот месец, додека на годишна основа се намалени за 6 отсто.