Навиките за патување се сменети под влијание на Ковид-19 кризата. Туристите патуваат во помали групи, во помалку истражени места како национални паркови, планини и рурални места и сакаат да истражуваат локални искуства и храна. Земјите од Западен Балкан имаат вакви природни богатства и традиција и ова е одличен момент за зајакната регионална соработка.

До ваков заклучок дојдоа повеќе од 100 претставници од приватен сектор и институциите за промоција и поддршка на туризмот од неколку земји од регионот, кои учествуваа на еднодневниот виртуелен настан „Регионално вмрежување и соработка во туризмот како клучен фактор во закрепнување на индустријата во пост-Ковид ерата“.

– Како дел од овој настан, се закажаа 53 директни од кои се реализираа 26, што им овозможи на туристичките бизниси од регионот да ги претстават своите туристички услуги, екскурзии, пакети, сместувачки капацитети, да споделат искуство и остварат соработка за промоција на регионално ниво, како и да се поврзат со различни владини и невладини институции, професионалци во секторот, бизнис организации и асоцијации со цел полесно опоравување од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

На настанот, кој се одржал вчера, присуствувале претставници од земјава, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Украина како земја гостин. Била презентирана и туристичка понуда, со посебен акцент на зимскиот и активен туризам.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2021 11:11