Компаниите чувствуваат дека корупцијата им пречи во водењето бизнис, особено на оние кои навистина сакаат да се пласираат на пазарот со квалитет и продуктивност, а не преку коруптивни делувања. Сепак, чувствуваат дека индивидуално немаат моќ да ги променат работите. Потребна е заедничка борба и залагање на сите засегнати страни за да се изгради општество со нула толеранција за корупцијата.
Ова е една од забелешките добиени по спроведувањето на тригодишниот проект за спречување и борба против корупцијата во бизнис-секторот, финансиран од Европската унија, а спроведен од Центарот за граѓански комуникациии во партнерство со „Конект“ и Здружението на даночни советници.
Истражувањата направени за време на проектот покажале исклучително ниска транспаретност кај јавните претпријатија кои имаат вкупно приходи од 800 милиони евра годишно и во БДП учествуваат со повеќе од седум проценти. Триесетте најголеми државни претпријатија објавувале само 28 проценти од информациите кои се достапни за граѓаните. Не се спроведувала постапка за избор на членови на управни и надзорни одбори, а одредени претпријатија имале и загрижувачка финансиска состојба. Отсуствувал и ефикасен надзор над овие претпријатија, односно само 9 проценти, од сите државни ревизии направени во последните 15 години, биле спроведени во овие претпријатија, а во најголемото претпријатие не е направена ревизија од 2007 година.
– Подобрувањето на сите овие сегменти – транспаретноста, финансиското работење, надзорот, интегритетот и единствена законска рамка за работењето и за изборот и именувањето на членовите на надзорните и управните одбори, во крајна линија ќе значи дека ќе се намалат можностите за злоупотреба и корупција и дека со приходите што ги генерираат овие претпријатија се управува во интерес на сите граѓани, истакна Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации на денешната онлајн конференција „Бизнис без корупција“, која е завршен настан од тригодишниот проект.
Од Владата најавуваат бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, но ги повикуваат и сите чинители во општеството да ги пријавуваат случаите на корупција и непотизам.
– Во целиот процес, освен надлежните институции, потребна е целосна поддршка од експертската фела, бизнис заедницата, невалдиниот сектор и сите останати чинители. Доколку сакаме да ја рестартираме целосно и да продолжи развојот на економијата, мораме да работиме на сузбивање на корупцијата како во државниот така и во приватниот сектор. Битката е заедничка и затоа најважна е меѓусебната постојана комуникација и размената на сите податоци кои ги имаме. Транспаретноста и отчетноста се основа за борба против корупцијата и тоа е половина од самата борба и затоа донесовме нов поприменлив кодекс за етичко дејствување на членовите на Владата, но првпат и на сите именувани функционери до најниско ниво, истакна вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
Заедничката оценка на сите учесници на денешниот настан беше дека сузбивањето на корупцијата е можно само доколку од една страна компаниите создаваат култура на интегритет и превентивни механизми против корупцијата, а од друга страна преку меѓусекторски дијалог и заедничко работење на сите чинители да се креира бизнис околина и општество со нулта толеранција за корупцијата.