Помислата на пештера, кај обичниот човек наведува на мистерија и се поврзува со митови околу кои се плетат разни приказни и верувања. Таквите верувања доскоро владееја и кај луѓето кои живеат во близина на пештерата Убавица во гостиварското село Горна Ѓоновица. Сега се знае дека оваа пештера крие богатство, секако не како она во приказната за пештерата на Али Баба. Во средиштето на планината Буковиќ се наоѓа убавина од која застанува здивот.
Не се потребни магичните зборови „Сезаме отвори се“ за влез во пештерата на Али Баба. Отскоро тоа е многу полесно и секако побезбедно. Со најава на Фејсбук или телефон. Специјалисти водичи со заштитна опрема ќе ве внесат во внатрешноста на една од најраскошните пештери во Македонија.
Природата со илјадници години љубоморно ја чувала заспаната убавица од погледите на луѓето. Во пештерата до пред некоја година влегувале авантуристи, трагачи по возбуди и научници. Оставена без заштита и грижа, таа била изложена на вандализирање и уништување на пештерските украси.
МИА ќе ви претстави уште една од македонските природни убавини.
Една од најдолгите пештери во Македонија
Убавица“ или Ѓоноичка пештера се наоѓа во непосредна близина на гостиварското село Горна Ѓоновица. За да се дојде до неа, треба да се минат петнаесетина километри по стариот макадамски пат Гостивар – Кичево, а потоа педесетина метри над патот е влезот на овој бисер на подземните убавини.
Универзитетскиот професор Ивица Милевски од Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во еден текст дава еден мал историјат за пештерата која на пошироката јавност и станала позната кон средината на минатиот век.
-Во почетокот на шеесеттите години на минатиот век (1962 – 1966) д-р Душан Манаковиќ, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, со група вљубеници во подземните убавини и авантури, вршел испитувања на оваа дарба на природата. Резултатите од истражувањата подоцна ги претставил пред пошироката јавност, предизвикувајќи голем интерес. Инаку, името „Убавица“ е дадено поради изразитиот сталагмит во форма на женска силуета, но и поради големото богатство од разновидни подземни природни украси. Во пештерата има богат пештерски живот, лилјаци и пештерски штурци и други форми на флора и фауна.
Професорот Милевски наведува дека пештерата „Убавица“ е ретка и единствена со својот раскош, со безбројните фигури од сталактити и сталагмити создавани со илјадници години, неколку галерии, столбови, исшарани тавани, разновиден пештерски накит, канал со вода, езерца, пет врела. Особено впечатлив е извонредниот водопад висок седум метри на крајот од големата сала до кој може да се оди без специјална опрема.
Во август 2005 година пештерата ја истражуваше заедничка спелеолошки екипа составена од искусни спелеолози на спелеолошкото друштво Пеони од Скопје, француска спелеолошки-нуркачка експедиција и спелеолошкото друштво Инфериум од Кичево. По двомесечни секојдневни истражувања, открија нови подземни канали богати со разновиден пештерски накит. Спелеолозите претпоставуваат дека излезот на оваа пештера е од другата страна на планината Буковиќ, кај кичевското село Зајас. Заедно со претходно откриените 500 метри и новите 800 метри, „Убавица“ стана меѓу најдолгите пештери во Македонија.
Половина век мета на вандали
И покрај тоа што оваа пештера е откриена пред пет децении доскоро ништо не е преземено за уредување на просторот и таа да биде достапна за љубителите на чудата што ги има создавано природата со илјадници години. Таа остана незаштитена на милост и немилост и недостапна за туристички посети.
Научната јавност предупредуваше дека е регистрирано уништување на формите од несовесни поединци. Локалните жители често сведочеа дека има луѓе кои влегуваат во пештерата со цел да ги искршат и извадат дел од украсите што се создавани со години.
Општина Гостивар заспаната убавица ја буди од заборав и наоѓа начин да таа да биде заштитена и од неа да се направи туристичка атракција. Пред речиси шест години (2015 година), локалната власт поведува иницијатива. Подоцна во 2018 година, се реализира проектот „Зајакнување на локалните актери за истражување и конзервација на природното наследство на пештерата Убавица“. Со пари од ЕУ преку Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, што ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина се дојде до посакуваната цел. Пештерата „Убавица“ стана видлива и достапна. Тоа дојде како производ на долгогодишната соработка со италијанските спелеолози и локалниот спелеолошки клуб „Кораби“. Следуваа истражувања што ги спроведоа светски познати експерти од областа, беше уреден влезот на пештерата за посетители, обучени 12 локални спелеолози, комплет опрема за шест лица и беше направено снимање на внатрешноста.
Единствена македоска пештера со три-де визуелизација
Дека пештерите не бездруго се загадочни и носат неизвеснот го потврдуваат и спелеолозите. Тие препорачуваат: Посета на пештерите без стручен водич е опасна. Затоа од голема важност да контактираат со надлежни стручни лица, но и да обезбедат опрема да имаат вештини при посета на пештера. Иако важи за една од најдостапните, пештерата „Убавица“ поради хоризонталната ориентација, не може да се посети во секој период од годината поради зголемување на протокот на водата, која се наоѓа речиси во текот на целиот предел на пештерата. Заинтересираните можат да се јават во СК „Кораби“. Доколку имате страв или едноставно не сте во можност да ја посетите во живо, можете преку овој линк на еден „побезбеден“ начин да ја задоволите љубопитноста http://www.studiotecnicomt.it/Virtual_tour/Ubavica_Cave/05-Tour/Ubavica_2018.html
Преку виртуелната тура, наменета за пошироката јавност не мора да влезете во внатрешноста. Три де (3 D) е создадена по топографското скенирање на пештерата и дава извонреден приказ на оваа природна убавина.
Летово, заради ограниченото движење и забраните за патување во странство, пештерата ја посетија многу туристи и беа организирани повеќе тури. Меѓу последните беше и Рејчел Халовеј амбасадорката на кралството Велика Британија. Таа во ноември ја посети и ја разгледа внатрешноста.
Кога сме веќе кај пештерите, во Македонија се претпоставува дека има над 500 пештери. Ние ќе ви понудиме еден мал водич: Во Македонија се истражени 346 пештери и 12 јами и понори. За најдлабок објект се смета Солунска Глава, со длабочина од 450 метри. Овој објект е и најголем на Балканот, а во него има извонредни украси од зелен мраз и сталагмити високи до два метра. Посебна е пештерата Змејовец за која според легендата на Марко Цепенков, во оваа пештера доаѓале луѓе од секаде, поради лековитата вода што се наоѓала во пештерата. За најдолга хоризонтална пештера се смета Бела Вода, во близината на Демир Капија, со должина од 955 метри. За најубава се смета Слатински Извор. Со Законот за заштита на природните реткости се опфатени следниве пештери: Горна Слатинска Пештера (единствената пештера во Македонија со влез и со излез), Млечник, Убава и Пешна.
Угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ пишува дека пештерата Пешна кај Македонски Брод е идентична со измислените волшебни пештери кои биле специјално направени за снимањето на најпопуларниот филм на магијата и волшебството – Господарот на прстените. Сепак, најпозната и најдлабока пештера во Македонија е Врело.