Неколку илјади приврзаници на јеменските бунтовници се собраа денеска во Сана во знак на протест против одлуката на претходната американска администрација со која шиитското бунтовничко движење Хути го оквалификуваше како терористичка организација.

Неколку невладини организации вчера побараа од новиот претседател на САД, Џозеф Бајден да ја повлече одлуката што може да го загрози доделувањето хуманитарна помош за Јемен, на кој му се заканува глад.

Кандидатот за министер за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен минатата недела вети дека ќе ја разгледа одлуката поради хуманитарната состојба во Јемен.

Насобраните луѓе во Сана, денеска скандираа „Смрт за Америка“ и „Америка е мајка на тероризмот“.

Неколку десетици илјади луѓе загинаа од почетокот на граѓанската војна во Јемен во 2015 година, а милиони се раселени.

Јемен е една од најсиромашните земји каде 80 проценти од населението зависи од меѓународна помош. ОН сметаат дека во земјата владее најтешката хуманитарна криза во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2021 22:33