Собраниската комисија за финансирање и буџет како матична комисија денеска го усвои дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на повеќе категории на граѓани со кое се врши продолжување на рокот за искористување на средствата до 31 март годинава. Предложеното законско решение е во прво читање.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски пред пратениците образложи дека продолжувањето на рокот се прави со цел да им се овозможи на сите категории граѓани опфатени со законот да го остварат своето право на финансиска поддршка.

– Имајќи предвид дека со законот беше предвидено финансиска поддршка да добијат повеќе категории на лица кои, согласно првичните проценки изнесуваа околу 245.500 граѓани, а роковите за доставување на листите на корисници беше исклуително краток, се доцнеше со доставување, изготвување и објавување на конечната листа на корисници до банките. Заради краткиот рок на реализација, околу 22 илјади граѓани кои добија финансиска поддршка, а ги немаа ажурирано своите податоци во банките и 2132 граѓани на кои им се уважија приговорите, а не го остварија правото на оваа финснсиака поддршка, се предлага продолжување на рокот за искористување на средствата до 31.03.2021 година, појасни Ковачевски.

Законот е дел од четвртиот пакет антикризни мерки што Владата ги донесе со цел да им се помогне на граѓаните и стопанството за излез од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид -19. Финансиската поддршка што им се доделува на граѓаните е наменета за купување македонски производи. Согласно Законот, финансиска поддршка треба да добијат граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.

Комисијата денеска го разгледа и Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија за 2019 година согласно кој ревизија била извршена во 174 субјекти и изготвени се 90 ревизорски извештаи. Со ревизиите опфатени се вкупно 247 милјарди 997 милиони денари јавни приходи и 161 милјарда 586 милиони денари расходи.

Во однос на препораките, директорот на Заводот за ревизија Максим Ацевски информира дека согласно годишната програма за работа 2018-2019, дадени се вкупно 1030 препораки, а постапувањето по препораките е околу 76,6 проценти.

На денешната седница беше прифатена и Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за периодот 2021-2025 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2021 13:34