Народната банка потсетува дека крајниот рок за доставување труд на Конкурсот за Годишната награда на Народната банка за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година е 1 февруари 2021 година. Наградата, како што информираат од Народната банка, се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови: апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL), осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува, опис на методите на истражување коишто се користат во трудот, анализа, заклучни согледувања и библиографија.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2019 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик, а еден автор има право да поднесе само еден труд.
Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во Народната банка.
Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, без притоа да поседува информации за имињата на авторите и нивни биографии.
Критериуми според кои ќе се вреднуваат трудовите се релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај, соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје, јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето, соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Македонија), соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап, конзистентност и логичност на тезите во трудот и заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Наградата е во парична форма, и за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, додека вторатанаграда изнесува 50 000 денари.