Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази длабока загриженост поради насилното задушување на демонстрациите низ цела Русија и апсењата на илјадници приврзаници на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Руското Министерство за надворешни работи на Твитер директно ги обвини САД дека стојат зад протестите во Русија, додавајќи дека станува збор за „сериозно мешање во внатрешните работи на Русија“.

Блинекн во своето првото интервју во својство на американски државен секретар, дадено за телевизијата Ен-Би-Си, оцени дека демонстрациите покажаа дека граѓаните на Русија се уморни од „корупцијата и автократијата“.

-Руската Влада прави грешка доколку смета дека ние сме виновни. Тие се во прашање, руската Влада е во прашање. Станува збор за фрустрација што граѓаните ја чувствуваат поради корупцијата, автократијата и мислам дека руската Влада треба на работите да погледне одвнатре, а не однадвор, рече Блинкен.

Блинкен возврати дека американската администрација размислува како да одговори на ситуацијата со Навални, но и на другите важни прашања, како што е мешањето на Русија во претседателските избори во САД.

-Претседателот Бајден токму за ова прашање не можеше да биде појасен за време на неговиот прв телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, рече Блинкен.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2021 15:27