Националната лига за демократија (НЛД), на притворената лидерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи, денеска побара од армијата, која ја презеде контролата во земјата, ослободување на Аунг и признавање на изборната победа на НЛД на изборите што се одржаа во ноември минатата година.

Еден ден по апсењето на Аунг се уште не е позната локацијата каде се наоѓа, а висок претставник на НЛД изјави дека таа е во добра здравствена состојба.

Според неименувани извори од НЛД, претседателот на Мјанмар Вин Мјин и Аунг се во куќен притвор, како и околу 400 други функционери и членови на Парламентот.

На улиците во Најпјитав и во Јангон денеска е мирно, а безбедносните сили се распоредени на главните точки. Повторно се воспоставени телекомуникациските врски, но меѓународниот аеродром во Јангон останува затворен.

Разни активистички групи, меѓу кои и најголемата „Младинска мрежа на Јангон“ денеска објавија голем број пораки испратени на социјалните мрежи со кои се повикува на граѓанска непослушност.

Претседателот на САД, Џо Бајден вчера, по воениот удар се закани со нови санкции кон Мјанмар. Воениот удар и апсењето на голем број владини претставници го осудија и Австралија, Индија, Европска Унија, Јапонија и Велика Британија, додека Кина соопшти оти ја следи ситуацијата и побара сите страни да го почитуваат Уставот.

Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи итен состанок поради новонастаната ситуација во Мјанмар.

Армијата на Мјанмар вчера прогласи вонредна состојба, ја презеде власта и соопшти дека уапсила високи владини функционери, меѓу кои и Аунг, поради наводни измами на минатогодинешните избори. Власта во Мјанмар му е предадена на командантот на вооружените сили, генерал Мун Аунг Хлаинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2021 21:06