Во 2020 година во Франција се убиени 90 жени од страна на нивните сопружници или поранешни сопружници, наспроти 146 претходната година. Министерот за правда Ерик Дипон-Морети ги пофали овие резултати во борбата против насилството врз жените, иако тие се „премногу скромни“, јави дописникот на МИА.

-Во 2020 година извршени се 106 злосторства и 90 од жртвите се жени. Во 2019 година беа извршени 173 брачни злосторства од кои 146 жени беа жртви. Овие резултати, се уште се премногу скромни, но тие се носители на надеж, рече Дипон-Морети.

Според него, секое убиство, секое насилство, е неуспех со драматични човечки последици, тоа е неуспех за целото општество, тоа е неуспех за Министерството за правда.

Бројката за 2020 година е најниска од кога владата почна со броење на убиствата во 2006 година. Според елементите, убиствата на жени од страна на нивните сопружници или бивши сопружници не се намалија особено за време на ограничувањата поврзани со здравствената криза во Ковид-19.

Од друга страна, епидемијата на коронавирусот и нејзините периоди на затворање ја истакнаа важноста на насилството што го претрпеа жените и децата во нивните домови.

-Значителниот пад на бројот на феминициди, несомнено се должи на ставот дека целото општество го промени погледот кон семејно насилство и овие грозоморни злосторства, тоа се должи и на работата на здруженијата, рече Дипон-Морети.

Ова е првпат да се објават официјалните бројки, откако дојде до силна мобилизација на здруженијата за борба против семејното насилство, што на крајот на 2019 година резултираше со донесување на четириесет мерки, меѓу кои и воведување на нараквици за насилни сопружници или поранешни сопружници.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2021 21:20