Британскиот министер за здравство Мет Хенкок изјави дека нова студија покажала оти една доза на вакцина, изработена од АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд, обезбедува високо ниво на заштита за 12 недели, што ја поддржува стратегијата на Владата да се одложи втората доза за да можат што повеќе луѓе да ја примат првата.

Изјавата на британскиот министер за здравство уследи откако Универзитетот во Оксфорд објави студија која покажува дека вакцината го намалува преносот на вирусот за две третини и спречува појава на тешки форми на болеста.

Студијата сè уште не поминала низ процес на рецензија, но британските власти ја дочекаа со ентузијазам, по притисокот да го оправдаат одложувањето на втората доза на вакцината, јавија локалните медиуми.

Намалувањето на преносот на вирусот, како и фактот дека нема хоспитализација – комбинацијата од двете е многу добра вест и категорично ја поддржува стратегијата за администрирање дози со разлика од 12 недели, изјави Хеккок за Скај Њуз.

Еден од истражувачите на проектот, професорот Ендрју Полард од Универзитетот во Оксфорд, рече дека научниците веруваат оти вакцината ќе продолжи да обезбедува заштита од нови мутации на коронавирусот, иако сè уште се чекаат податоци за да се потврди ова.

– Ако треба да ги подобриме вакцините, тогаш тоа е релативно едноставен процес кој трае неколку месеци и не бара многу напори како минатата година, кои беа потребни за обемни испитувања, изјави Полард за Би-Би-Си.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2021 15:16