Германската Влада денеска соопшти дека не се исклучени дополнителни санкции против Русија откако московски суд го осуди на затвор опозицискиот политичар Алексеј Навални.

Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Штефен Зајберт, на прес-конференција рече дека Берлин ќе разговара за понатамошните чекори со европските партнери.

САД, Велика Британија, Германија и Европската унија ја повикаа Москва веднаш да го ослободи Навални.

Синоќа судот во Москва ја замени условната казна на Навални за корупцискиот „случај Ив Рошер“ со 3,5 години затворска казна.

Според неофицијалните информации, казната на Навални ќе биде намалена на околу 2,5 години, поради времето поминато во домашен притвор.

Навални беше уапсен на руската граница на 17 јануари откако се врати од Германија, каде се опоравуваше од труење со нервен агенс.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2021 15:18