Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека е оправдано полициското задушувањето на опозициските демонстрации, организирани по апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, бидејќи тие претставуваат закана.

-Повиците дека незаконски се постапувало се провокација … Полицијата реагираше решително бидејќи може да се појават закани, оцени Песков еден ден по демонстрациите поради затворањето на Навални, на кои беа уапсени повеќе од 1.400 лица.

Песков додаде дека е задоволен од „цврстата акција на силите на редот“.

-Општо, организацијата на незаконските дејствија е причина за загриженост и ја потврдува оправданоста и законитоста на цврстото дејствување на полицијата, рече тој.

Синоќа беа уапсени повеќе од 1.400 лица, а околу од 23 јануари и почетокот на демонстрациите организирани по апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални приведени се 10.000 лица.

Полицијата, која во голем број беше присутна на протестите, е обвинета за неоправдана бруталност при апсењата, па затоа се приложуваат слики на кои се гледа како демонстранти се тепани на земја од повеќе полицајци и или како новинарите се удираат со палки.

Навални синоќа во судот во Москва беше осуден на две години и осум месеци затвор под обвинение за прекршување на условната казна за време на заздравувањето во Германија од труењето со нервниот агенс „Новичок“.

Судот во Москва донесе пресуда заснована на барањето на руските власти условната казна на Навални, од декември 2014 година, да се промени во затворска, бидејќи тој не се пријавил навреме до надлежниот орган.

Случајот наиде на остра осуда од Западот, а Москва веднаш ги отфрли критиките.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2021 16:01