Француската правда за прв пат признава дека државата направила „грешка“ покажувајќи се неспособна да ги исполни своите заложби за намалување на гасовите со ефект на стаклена градина. Ова откако Управниот суд од Париз, ја усвои жалбата на неколку еколошки здруженија, јави дописникот на МИА.

Две години откако четирите невладини организации (Наша заедничка работа, Гринпис, Оксфам и Фондацијата Никола Хулот) собраа повеќе од 2 милиони потписи за помалку од еден месец – досега невидена мобилизација во Франција – за да се осуди „климатската неактивност“ на државата, „Аферата на векот“ се најде пред Парискиот управен суд во март 2019 година.

На крајот на ова „прво големо судење за климата во Франција“ – како што го квалификуваше јавната известувачка во заклучоците на сослушувањето на 14 јануари – правдата за прв пат признава дека државата направила „грешка“, со тоа што се покажа неспособна да ги исполни своите заложби за намалување на гасовите со ефект на стаклена градина. За потсетување, Франција е посветена на намалување на емисиите за 40 отсто до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година и за постигнување неутралност на јаглерод до 2050 година.

Судот и наложи на државата да плати едно симболично евро на здруженијата што ги бараа за „морална штета“ што произлезе од „нејзината грешка и недостатоци во исполнувањето на своите обврски во борбата против глобалното затоплување“.

Во својот годишен извештај, објавен во јули 2020 година, Високиот совет за клима сериозно ја критикува политиката на владата: „Климатските активности не се во согласност со предизвиците или целите.“ Така, емисиите на гасовите со ефект на стаклена градина паднаа за 0,9 отсто помеѓу 2018 и 2019 година, додека темпото треба да биде годишно намалување од 1,5 и 3,2 отсто од 2025 година за да се постигне неутрален јаглерод во 2050 година. И повторно овие цели беа ревидирани надолу од страна на владата , наспроти советот на Високиот совет.

За прв пат, административниот судија призна дека постои еколошка штета – која се карактеризира со промена на составот на атмосферата поврзана со вишок на емисии на гасовите со ефект на стаклена градина – и фактот дека државата треба да се смета како одговорна за дел од оваа штета кога не ги почитуваше своите обврски во смисла на намалување на емисиите. Досега, само правосуден судија ја призна оваа штета – во пресудата Ерика (танкерот одоврен за загадување на брегот на Бретања) – што подоцна беше запишано во законот за биодиверзитет од 2016 година.

Судот го отфрли барањето за финансиска компензација за оваа штета на животната средина, со образложение дека здруженијата што побарале не покажале дека е невозможно да се поправи во натура. Сепак, тој смета дека тие биле оправдани кога барале надоместок во натура. Со цел да се утврдат мерките што треба да и се наложат на државата за санирање на предизвиканата штета или спречување на нејзиното влошување, судиите наложија понатамошна истрага, со рок од два месеци. Во втората пресуда, судот на тој начин може да и наложи на Владата да ја прегледа својата копија за ефективно да ги намали емисиите на стаклени гасови.

Правдата продолжува со сојата практика по пресудата на Државниот совет ‚Врховниот управен суд) на 19 ноември 2020 година. Во една друга жалба насочена кон неактивноста на климата во државата, овој пат поднесена од градот Гранд-Синте највисокиот управен суд и постави ултиматум на извршната власт со тоа што и даде три месеци за да се „оправда дека траекторијата на намалување до 2030 година може да биде почитувани “.

Овие одлуки на управните судови, можат да извршат политички притисок, со оглед дека на 10 февруари на Советот на министрите ќе се разгледуваат предлозите кои произлегоаа од граѓанската конвенција за климата. Предложениот текст, според Економскиот, социјалниот и еколошкиот совет и Националниот совет за еколошка транзиција, не одговара на климатските цели на Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2021 16:02