Израелски научници тврдат дека пронашле докази дека луѓето почнале да јадат маслинки 4.000 години порано отколку што се сметаше досега.

При подводни истражувања, научници од Универзитетот во Хаифа пронајдоа две овални камени структури и илјадници семки од маслинки, повеќето – добро сочувани. Тие биле пронајдени на местото Хишулеи Кармел близу брегот на Хаифа. Наоѓалиштето е старо околу 6.600 години.

– Новото откритие го надополнува синџирот на употреба на маслинови дрвја, кои првично се користеле за горење, а потоа, пред околу 7.000 години луѓето почнале со цедење маслиново масло, а потоа прешле и на употреба на овошките како храна, објаснува одговорниот за истражувањата, Ехуд Галили.

Во научниот труд учествуваа археолози и ботаничари од 11 истражувачки институции од Израел и други земји. Не се пронајдени други докази за производство на маслиново масло.

Според истражувачите, крајбрежјето ги содржи сите важни предуслови за солени маслинки – морска вода и сол.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2021 12:24