Пакистанскиот премиер Имран Кан изјави дека земјата ќе им даде на луѓето во Кашмир право да избираат меѓу приклучување кон Пакистан и задржување на независноста, доколку на плебисцит, што е одложуван со децении, го изберат Пакистан, а не Индија.

Кан им се обрати на илјадниците собрани жители на Азад Џаму и Кашмир, територии што се контролирани од Пакистан, потсетувајќи дека Обединетите нации ветија дека на Кашмир ќе му се дадат право на самоопределување.

-Кога народот на Кашмир под индиска окупација и народот на Азад Кашмир ќе добијат право на самоопределување и кога ќе го изберат Пакистан, тогаш Пакистан ќе им даде право да одлучуваат дали сакаат да бидат составен дел од Пакистан или да останат независни, рече Кан.

Пакистанскиот премиер од собирот порача дека неговата земја е со народот на целиот Кашмир, но и дека целиот исламски свет е со овој народ.

-Ќе продолжам да ги потсетувам Обединетите нации на ветувањето што го дадоа во врска со правото на самоопределување на Кашмир, додаде Кан.

Од стекнувањето на независноста од Велика Британија, во 1947 година, Пакистан и Индија водеа две војни за Кашмир. Двете земји ја сметаат територијата за своја, додека таа е административно поделена меѓу нив.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2021 23:14