Дедо Цане Гелевски од селото Бурилчево, општина Чешиново-Облешево, денеска го прослави 102 роденден, а поради пандемијата од Ковид-19 свеченоста беше само со најблиските од семејството.
Гелевски сè уште е во одлична здравствена состојба и е најстар жител во општината, и меѓу најстарите во кочанскиот регион.
– Повеќе од 40 години не сум побарал лекарска помош, не употребувам лекарства, единствено за полесно да се движам користам два бастуна. Ме мачат и видот и слухот, ама тоа е нормално за мојот век. Тутун не сум пушел, а секое утро една мала чаша ракија ми е доволна за денот да ми почне со нова енергија. Во животот имаше и убави и лоши моменти, а еден од нив е што пред пет децении ми почина сопругата, па децата сам ги одгледав и вдомив. Имам пет сина, од кои добив десетина внуци и уште толку правнуци. Задоволен сум и од нив и од снаите, ме гледаат и добро се грижат за мене, дури и торта ми подготвија, истакна славеникот Гелевски.
До 85-годишна возраст живеел во скопското планинско село Дивљак, каде работел во училиштето, а како поштар им ја носел и пензијата на соселаните.
Потоа, Гелевски дошол кај синот во Бурилчево, каде животот го поминал како сточар со сопствено стадо од неколку стотини овци. Смета дека престојот во природа е една од главните причини за долговечноста, а дури и денес му помага на најмалиот син во бачилото.
Негова роденденска желба е сите луѓе да имаат добро здравје, да се чуваат од пандемијата, да ги гледа околу себе исполнети со почит и душевен мир.