Можните правци на развојот на полето на енергетика, земајќи ги предвид движењата на енергетските политики во светски и европски рамки и особено во рамките на Енергетската заедница беа тема на разговор на денешната средба во Анкара меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез на која присуствуваше и директорот на НЕР Бајрам Реџепи.

Министерот Бектеши, информираат од Министерството за економија, на состанокот потенцираше дека Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија до 2040 година ги дава можните правци на развојот на енергетскиот сектор во нашата земја, земајќи ги предвид движењата на енергетските политики во светски и европски рамки и особено во рамките на Енергетската заедница.

-Политиките на нашата земја во областа на енергетиката го следат добрите практики на политиките на ЕУ за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност како и декарбонизацијата, земајќи ги предвид целите и траекториите со реална динамика што се приспособени на домашните специфики и приоритети на Владата на Република Северна Македонија, кажа министерот Бектеши на средбата со Донмез.

Министрите се согласија дека Турција и Северна Македонија имаат традиционално одлична соработка на енергетски план и изразија надежи во иднина оваа соработка да се продлабочи.

Министерот Бектеши го информираше министерот Донмез за проектите кои што се реализираат во Северна Македонија во делот на енергетиката, потенцираше дека има голем број турски компании кои веќе се инвеститори во земјата со надеж дека во иднина нивниот број ќе се зголеми.

-Турската компанија „Гиришим електрик“ веќе започна со изградба на фотонапонска електрана од 10 мегавати на постојната локација на термоелектраната ТЕ Осломеј. Две турски компании од областа на енергетиката поднесоа понуди за претквалификација за проектот за изградба на ходроцентралата Чебрен на Црна Река, проект чија инвестициска вредност ќе изнесува минимум 500 – 600 милиони евра со инсталирана моќност од 333-458 мегавати, а исто така две турски компании се во конкуренција за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа во државата по принцип на јавно-приватно партнерство, инвестиција со проценета вредност од околу 350 милиони евра, кажа министерот Бектеши на средбата.

Директорот на НЕР Реџепи истакна дека повеќе од добредојдени се искуствата на Турција во делот на изградба на гасоводна мрежа и гасното поврзување пред се во плановите на Северна Македонија за диверзификација на изворите со снабдување со природен гас.

Беше договорено во наредниот период да се потпише Меморандум за разбирање кој ќе помогне во размена на искуства и поддршка во делот на гасификацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2021 21:42