Иранскиот министер за разузнавање предупреди дека земјата би можела да се фокусира на развој на нуклеарно оружје доколку меѓународните санкции против Техеран останат во сила, јави иранската државна телевизија.

Коментарите на Махмуд Алави се исклучително редок случај во кој владин претставник вели дека Иран може да почне со развој на нуклеарно оружје. Техеран долго време тврди дека програмата е само за мирни цели.

– Нашата нуклеарна програма е мирна и фатвата (исламска одлука) на врховниот водач забранува создавање нуклеарно оружје, но доколку го туркаат Иран во таа насока, нема да биде виновен Иран, туку вина ќе имаат оние што ја туркаат државата, предупреди Алави.

Според него, Иран не планира да прави нуклеарно оружје во сегашните околности.

„Волстрит џурнал“ во саботата објави дека инспектори на ОН пронашле траги од радиоактивен материјал на иранските нуклеарни локации, што укажува на тоа дека се работи на нуклеарно оружје.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2021 20:55