Првата независна радиостаница во Унгарија ќе престане да емитува програма откако изгуби жалба во Апелацискиот суд за одземање на лиценцата поради кршење на правилата.

Шефот на Клубрадио, Андраш Арато ја оцени одлуката на судот како „срамна и кукавичка“.

– Тоа предизвикува нова загриженост во врска со слободата на медиумите во Унгарија. Ќе поднесеме жалба до Врховниот суд, нагласи Арато, ветувајќи дека Клубрадио ќе продолжи да работи онлајн, повикувајќи ги слушателите да дадат поддршка.

Еден од водителите во радиостаницата истакна дека „во една диктатура нема место за слободни гласови“.

Клубрадио честопати ја критикуваше Владата на премиерот Виктор Орбан. Во септември минатата година, Советот за медиуми одби да ја продолжи лиценцата на медиумот, која истекува на 14 февруари. Телото, основано во 2011 година, соопшти дека радиото доцни со поднесување административни документи двапати во рок од една година, но сепак му дозволило повторно да аплицира за истата фреквенција.

Унгарија моментно се наоѓа на 89-то место од 180 држави на Светскиот индекс за слобода на медиумите, подготвен од невладината организација Репортери без граници. Земјата беше на 23-то место во 2010 година кога Виктор Орбан се врати на власт.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2021 20:59