На 16,19 и 23-ти овој месец завршува операцијата на Дирекцијата за заштита и спасување за целосно уништување на сите минско-експлозивни и убојни средства пронајдени последните шест месеци ширум нашата земја. Најголем број од нив, над 7.000, се откриени кај градскиот стадион во Битола, а 300 убојни средства се откриени кај село Франгово, Струшко.
Како што информираат од ДЗС, последното уништување на минско-експлозивните и убојни средства ќе биде извршено на воениот полигон Криволак, со што ќе се заокружи оваа операција започната во месец декември, кога, исто така, во три наврати се изведе вакво уништување и еднаш на 5-ти февруари.
Како што велат оттаму, целата операција ќе протекне под буден надзор на првите луѓе од Дирекцијата за заштита и спасување, АРМ и МВР, како и гости кои редовно присуствуваат на овие уништувања.
– ЗА ДА БИДЕ БЕЗБЕДНО УНИШТУВАЊЕТО НА ОВИЕ СРЕДСТВА, СИТЕ УЧЕСНИЦИ НА САМИОТ ЧИН ЌЕ БИДАТ ОДДАЛЕЧЕНИ ОКОЛУ ДВА КИЛОМЕТРИ ОД МЕСТОТО НА КОНТРОЛИРАНАТА ЕКСПЛОЗИЈА, КАКО И СИТЕ ГОСТИ И ПОСМАТРАЧИ ПРИСУТНИ НА ОВОЈ ЧИН, ИСТАКНА ДРАГОЉУБ ПОПОСКИ, ПИРОТЕХНИЧАР ОД ДЗС.
Во операцијата ќе бидат вклучени уште шест негови колеги.