Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан денеска одржаа средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, кого го информираа за започнување на првата фаза на проектот Национална развојна стратегија 2021- 2041.
Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, првата фаза од креирањето на овој стратешки документ ќе биде финансирана од Британската амбасада во Скопје, со техничка поддршка од страна на ОН, преку УНДП, а ќе резултира со методологија и оперативна структура која ќе се примени при развивањето на стратегијата, што ќе претставува втора фаза на проектот.
Методологијата, како што се наведува во соопштението, ќе биде инспирирана од современи и иновативни модели на развој, адаптирани на домашниот контекст и базирани на широка и значајна консултација со сите засегната страни.
– Со тоа ќе се овозможи Националната развојна стратегија да отслика меѓугенерациски, родов, меѓутнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе, се додава во соопштението.
Во рамки на овој проект исто така ќе се идентификуваат и зајакнат врските помеѓу сите останати стратешки важни процеси кои се одвиваат во државата, првенствено интеграцијата во ЕУ и Агендата 2030 за одржлив развој, а ќе се развие и комуникациска стратегија и електронска платформа, за да се вклучат размислувањата на што повеќе клучни чинители во процесот, се посочува во соопштението.
– За ова заедничко патување се зборува во последните 25 години, време е да почнеме со лет. За нас консензусот и инклузивноста при креирањето на стратегијата се клучни. Оваа Национална развојна стратегија треба да продолжи да живее без разлика кој е на власт. Ова ќе биде наш патоказ за тоа каде и како ќе се развива земјата во следните 20 години, затоа важно е да постигнеме консензус, ова е значајно и во полза за државата и сите наши сограѓани, изјави Битиќи на средбата.
Амбасадорката Галовеј ги потенцираше бенефитите од креирањето на ваква долгорочна стратегија.
– Сите земји кои се впуштија во овој процес веќе ги гледаат придобивките од креирањето на план за развој кој овозможува консензус при носењето на одлуки и закони во насока на поддршка на долгорочната стратегија, истакна Галовеј.
Постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак ја нагласи заложбата на целото семејство на ОН во земјата да обезбеди техничка поддршка и експертиза за процесот, каде што ќе биде потребна. Постојаната претставничка на канцеларијата на УНДП Нарине Сахакјан, пак, ја потенцира комплексноста на самиот процес кој за да биде одржлив треба да почива на два важни принципи – да е донесен консензулно, да биде иновативен и флексибилен, како би можел да се прилагодува на предизвиците и промените кои ги носи новото време.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја поддржа иницијативата потврдувајќи ја нејзината значајност за благосостојбата на државата на долг рок и се заложи за активна вклученост на Законодавниот дом во процесот и донесувањето на стратегијата.
– Ова ќе биде јасно патување, врз јасни и прецизни основи со широка опфатност. Сите треба да се заложиме оваа долгорочна развојна стратегија да ги опфати сите карактеристики и потреби на земјата, изјави Џафери.
Како што се наведува во соопштението, во Управниот одбор на телото кое ќе го спроведува процесот, членуваат сите четири заменици претседатели на Влада, со што се покажува посветеноста на Владата кон овој важен процес, како и претставници на ОН и Британската амбасада, а составот ќе се проширува и ќе вклучува и други чинители во нашата држава.
– Во духот на инклузивност и консултација, кој треба да биде главна одлика на оваа методологија, во следниот период сите релевантни чинители ќе бидат поканети да бидат дел и да се вклучат во процесот, а дигиталната платформа која ќе биде воспоставена наскоро, ќе овозможи широко учество и можност и граѓаните да дадат свој придонес со своите идеи, се додава во соопштението на Кабинетот на вицепремиерот Битиќи.
Ова е прва работна средба поврзана со процесот на информирање на клучните политички чинители, институции и организации, кои треба да бидат вклучени во процесот на креирање на долгорочната Национална развојна стратегија, а во кус временски период се планира да се реализираат средби и со шефот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, како и со низа други чинители, меѓу кои и со локалните власти, партиите, стопанските комори, синдикатите, професионалните асоцијации и граѓанските организации.