Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против жител на Свети Николе заради основано сомневање дека сторило кривично дело „тешка кражба“ и еден обид за тешка кражба, а надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

Како што информира ОЈО, на 11 февруари, 24-годишниот жител на Свети Николе на улицата „Трифун Хаџи Јанев“ во населбата Автокоманда, на дрзок начин одзел туѓи подвижни предмети. Имено, кога ја забележал оштетената и пристапил од зад грб и ги скинал рачките од чантата која оштетената ја носела во своите раце, ја одзел чантата и избегал. Во чантата имало паричник и други предмети со вкупна вредност од 5.000 денари.

-Веднаш потоа се упатил кон Факултетот за земјоделски науки и храна, лоциран на улица „16-та Македонска бригада“, каде се обидел со провалување да одземе туѓи подвижни предмети. Тој насилно ја отворил надворешната врата од амфитеатарот, влегол внатре, продолжил со кршење на врати и пребарување, со цел да пронајде предмети со кои може да се стекне со имотна корист, но бил спречен во намерата од чуварот, кој го затекнал на лице место и настанот го пријавил во полиција, соопшти ОЈО.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.​



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2021 17:05