Неговата долговечност можеби предизвикува завист, но мачорот Лари е „на функција“ во кабинетот на „Даунинг стрит“ веќе десет години, и веќе „смени“ тројца британски премиери.

Сепак, не беше сè така лесно за тигресто-белата мачка сè додека не го премина прагот на резиденцијата на премиерот на Велика Британија, точно на 15 февруари 2011 година, па дури и потоа… Лари го напушти прифатилиштето за мачки на четиригодишна возраст и неговата прва мисија во срцето на британската Влада беше лов на глувци. Поради неговиот вистински „нагон на грабливец“, Лари е прогласен за „главен ловец на глувци“ – неговите претходници немаа чест да ја имаат таа титула.

Некогашниот британски премиер Дејвид Камерон го пофали што фатил три глувци во првите неколку месеци, но според многумина, успехот на Лари не беше голем. Сепак, мачката остана – а глувците, се чини, имаат сѐ помалку можности оро да вртат.

Во неговата „официјална биографија“ на интернет-страницата на Владата се наведува дека Лари успеал да ги освои срцата на јавноста, но и на печатот. Додека новинарите ги чекаат изјавите на службените лица пред резиденцијата, со задоволство му нудат грицки и го галат.

Лари живееше и со Тереза ​​Меј, а сега и со Борис Џонсон.

Мачорот, инаку, не сака интервјуа, но сепак напиша книга – со помош на новинарите. Тој е многу активен и на Твитер, каде има над 430.000 следачи, каде што уредувачот често пишува во прво лице, во име на мачорот.

Така во „своја изјава“ за новинарите во врска со тајната на неговата „трајност на функцијата“, Лари „вели“ дека тој е траен, а политичарите се минливи.

„Треба да се потсетиме дека јас живеам тука постојано, а политичарите остануваат со мене додека не бидат отпуштени. Порано или подоцна, политичариве сфаќаат дека јас сум всушност главен”, стои во официјалниот одговор.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2021 12:29