Австрискиот дефанзивец во редовите на европскиот и светски првак Баерн Минхен, Давид Алаба, потврди денеска дека заминува од клубот на крајот од сезоната, оставајќи ја отворена опцијата околу неговата следна дестинација, која според германските и шпанските медиуми, најверојатно, ќе биде мадридски Реал.
-Одлучив да го напуштам Баерн, бидејќи имам потреба од нови предизвици. Во овој клуб, сепак, минав 13 години и време е за заминување, изјави Алаба, кој се пресели во најтрофејниот бундеслигаш од Австрија Виена во 2008 година.
Алаба со Баерн освои шест шампиони титули во Германија, исто толку пати го крена трофејот во националниот куп, а освои и две европски и една титула светски првак.
Баерн веќе ја најде неговата замена, потпишувајќи минатиот викенд со францускиот дефанзивец на Лајпциг, Дајот Упамекано, петгодишен договор вреден 42.5 милиони евра.