Поранешниот тренер на лондонски Арсенал, Арсен Венгер, ги критикуваше промените што Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ги најави во своето елитно клупско натпреварување.

-Моделот, што е предложен за новиот формат на Лигата на шампиони, воопшто не ми се допаѓа. Клубовите секогаш сакаат поголема заработувачка. За да инкасираат повеќе пари, тие сакаат да имаат повеќе загарантирани натпревари. Навивачите, пак, повеќе сакаат натпревари кои имаат натпреварувачка смисла“, изјави Венгер во интервју за „БеИН Спортс“.

Венгер, кој во моментов раководи со Одделот за меѓународен развој на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), нагласи дека „модерниот фудбал треба да најде компромиси меѓу тоа што го сакаат клубовите, од една, и тоа што го сакаат навивачите, од друга страна“.

Новиот формат во Лигата на шампиони, што УЕФА го предложи почнувајќи од сезоната 2024/25, предвидува зголемување на бројот на екипи во групната фаза од сегашните 32 на 36.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/02/2021 23:35