Конфедерацијата на слободни синдикати денеска обвини дека судијата Санде Зиков постапува нестручно и непрофесионално по постапки поднесени од страна на синдикални претставници.

На денешната прес-конференција пред Апелацискиот суд во Скопје, синдикални претставници рекоа дека Зиков носи одлуки на штета на работниците и синдикалните претставници.

Посочија два случаи со синдикалниот претставник на Водовод, Зоран Дионисијев и со синдикалниот претставник на затворите, Стојанче Јовановски во кои одлучувал судијата Зиков.

-Зоран Дионисијев, синдикалниот претставник на Водовод Скопје, кој е претседател и на повисоко ниво добива отказ од работа спротивно на Законот за работни односи и конвенциите на МОТ и за истото поведува судска постапка. Првостепениот суд два пати донесува позитивна одлука, додека на Второстепениот суд, судијата Санде Зиков ја преиначува одлуката и одлучува дека синдикалните лидери слободно можат да се бркаат од работа, истакнаа синдикалните претставници.

Според нив, судијата Зиков ја злоупотребува својата положба и не го почитува трудовото право и меѓународните конвенции.

Најавија дека ќе поднесат претставка до Судскиот совет за изземање на судијата Зиков за водење на спорови од областа на работните односи, а за случајот ќе ги информираат и надлежните министерства, премиерот и претседателот на државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2021 16:59