Под слоганот „Вистински информации-сигурни планови“, Македонското кредитно биро 13 години е деловен партнер на сите физички и правни лица. Нуди, како што наведуваат во соопштение, брз и точен увид за статусот на долговите и подмирувањето на истите, а воедно овозможува олеснување на процесот на деловно одлучување и одржување на финансиска стабилност. Го дигитализира целосно пристапот кон своите извештаи и овозможи брз, едноставен и практичен начин да се добијат истите, преку порталот МОЈ МКБ.

-Управувајќи со најголемата и најкомплексна база, која вклучува процес на прибирање, обработка и размена на податоци за обврските, МКБ претставува единствена инстутиција во земјата која изготвува извештаи за задолженоста и редовноста во подмирувањето на обврските. Податоците во зависност од природата, се ажурираат на дневна и месечна основа, со цел гарантирање на точноста и прецизност на истите. Преку Сопствениот извештај, физичките и правните лица, можат да ја согледаат својата моментална задолженост, а со тоа да спречат евентуално презадолжување и избегнување на дополнителни трошоци, наведуваат од Кредитното биро.

МКБ на компаниите им нуди единствена можност да извршат проверка на бонитетот, задолженоста и редовноста во измирувањето на обврските на нивните сегашни и идни деловни партнери преку т.н. Корпоративен-бонитетен извештај. Користењето на овој извештај овозможува намалување на ризикот во деловното работење. МКБ во 2016 година склучи договор за размена на податоци со Италијанското кредитно биро CRIF S.p.A, со што овозможи на македонските компании преку т.н. Меѓународен извештај да добијат бонитетни информации за било кој правен субјект ширум светот.

Следејќи ги позитивните светски практики во насока на подобрување на квалитетот на услугите, а со цел да одговори на барањата и потребите на клиентите, МКБ, како што наведуваат, целосно го дигитализира пристапот кон своите извештаи и овозможи на брз, едноставен и практичен начин да се добијат истите, преку порталот МОЈ МКБ.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2021 19:38