Пилот на авиокомпанијата „Американ ерлајнс“ од Феникс, САД, преку радио искоментирал дека неидентификуван предмет летал над авионот над американската сојузна држава Ново Мексико во неделата.

Кусо по 13:00 часот по локално време, пилотот објавил: „Дали имате ваши цели горе? Тукушто забележавме нешто над нас“. Радиопреносот е снимен од блогерот Стив Даглас и прикачен на неговиот блог „Deep Black Horizon“ (Длабок црн хоризонт).

– Мразам што го кажувам ова… Изгледаше како долг цилиндричен објект што изгледаше скоро како крстосувачка ракета и се движеше навистина брзо. Одеше токму над нас, изјави пилотот.

Даглас, за весникот „Република Аризона“, рече дека снимањето на радиосигналот бил чиста случајност.

Американската авиокомпанија „Американ ерлајнс“ потврди дека радиопреносот е од нивен лет.

– По разговорот со екипажот на летот и добиените дополнителни податоци, може да потврдиме дека овој радиопренос е од летот 2292 на „Американ ерлајнс“ на 21 февруари, се наведува во соопштението на компанијата.

На претпоставките дека се работи за ракета, Скот Стернс, директор за јавни работи на ракетната агенција „Вајт Сендс“, на југот на Ново Мексико, одговара дека полигонот не спроведувал ракетни тестови во неделата и дека „никогаш не тестираат на тоа подрачје“. Стернс, исто така, нагласи дека комуницирал и со воздухопловната база Холоман, којашто, исто така, се наоѓа на југот на Ново Мексико, па и „тие немале ништо таму горе“ тој ден.

Огранокот на ФБИ за Ново Мексико не одговори веднаш на барањето за коментар.

Во 2018 година, пилоти над јужна Аризона забележаа неидентификуван летачки објект на небото северно од Тусон, потсетува „Република Аризона“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/02/2021 12:50