Претседателите на Франција и Кина, Емануел Макрон и Си Џинпинг разговараа за економските односи, Мјанмар и дистрибуцијата на вакцини против коронавирус, соопштија двете земји.

Во телефонскиот разговор се дискутираше и за инвестицискиот договор потпишан од Европската унија и Кина на крајот на 2020 година.

Францускиот претседател „инсистирал“ на „создавање услови за фер конкуренција и подобрување на реципроцитетот во однос на пристапот до пазарот“, соопшти Елисејската палата.

Според кинеската државна агенција, Си се заложил за „брзо стапување во сила“ на тој договор.

Макрон повторно го повика Пекинг да ја ратификува „што е можно поскоро“ основната конвенција на Меѓународната организација на трудот, која забранува присилна работа. Двајцата претседатели, како што беше најавено, се согласија да ги зајакнат економските односи во областите на цивилна нуклеарна енергија, авијација и прехранбена индустрија.

Како што беше објавено во Париз, Макрон изрази и „голема загриженост за ситуацијата во Мјанмар“, додека Пекинг одби да зборува за државен удар во таа земја.

Кога станува збор за пандемијата на коронавирусот, Макрон „ја охрабри Кина да придонесе за глобалниот одговор, особено со своите вакцини“.

Кина започна со дистрибуција на вакцини во неколку африкански земји, но и во Унгарија како прва членка на ЕУ што ја одобри употребата на вакцината Синофарм.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/02/2021 23:14