Најголемиот годишен собир на конзервативците во САД почна вчера во Орландо, на Флорида, а ќе заврши утре, со обраќање на поранешниот претседател Доналд Трамп, чија позлатена статуа е поставена на митингот од неговите верни републикански сојузници.

Гувернерот Рон ДеСантис го отвори собирот, фалејќи го својот одговор на пандемијата на коронавирус и прилично нерестриктивните протоколи на Флорида кои овозможија овогодинешниот митинг CPAC (Конзервативна политичка акција) да се одржи во затворен простор и луѓето да бидат физички присутни.

– Ние сме во оаза на слободата во една нација која страда од јаремот на суровиот „локдаун“, рече ДеСантис во својот говор. – Флорида беше во право, а земјите што се затворија не беа во право, оцени тој.

Годишниот собир, кој вообичаено се одржува во близина на Вашингтон, е преместен на Флорида, по првпат откако е воспоставен во 1974 година.

Предвидено е настанот да заврши со говорот на Трамп, во недела попладне.

Ако постоеја сомнежи дека митингот оваа година ќе биде посветен на Трамп, тие беа разбиени со откривањето на позлатената статуа на поранешниот претседател, пренесува ДПА.

Ова покажува дека тој останува републиканска политичка сила, и покрај насилните сцени предизвикани од неговите приврзаници во Вашингтон минатиот месец.

– Нешто ќе ви кажам: Доналд Трамп не оди никаде, рече сенаторот Тед Круз во своето обраќање.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2021 12:06